Како до инклузивни училишта: предизвици, искуства и предлози
Трибина иницирана од родители со поддршка на ,,Дајте ни Крилја“ и ,,Трисомија 21“
Датум: 24.10.2013, 12:00
Локација: Центар за Странски Јазици
Идејата за инклузија на лица со пречки во развојот (израз кој се сретнува и како лица со хендикеп, посебни образовни потреби или попреченост) се развива во Р.Македонија уште од 90-те години на минатиот век, кога беа формирани првите т.н инклузивни тимови. Тоа беше период кога родителите на лицата со пречки во развојот се соочуваа со бариери од типот на: несоодветно образован кадар, неадаптирани програми за работа и генерално ниска свест за важноста од прифаќањето на овие лица во редовниот образовен систем. Како резултат на ова, поголемиот број од нив беа запишувани во специјалните училишта или посебни паралелки при некои од редовните училишта. Речиси 20 години подоцна може да се забележи дека сé повеќе училишта прифаќаат лица со попреченост и дека е генерално подигната јавната свест за нивните потреби и можности - благодарение на сé побројните родителски иницијативи и невладини организации. Сепак, главните системски проблеми сеуште опстојуваат, а тие и понатаму се: непристапност, недиференцирани програми и методи за работа и недостаток од соодветно обучен кадар. Родителите се принудени да го одложуваат запишувањето на нивните деца, а мошне често од нив се очекува сами да плаќаат дефектолози кои би ги придружувале во училиште (со цел да не бидат одбиени). Незадоволството кај родителите неодамна дополнително го интензивираше фактот што во новиот бран планирани вработувања на образовен кадар не се вклучени професионалци обучени за работа со лица со попреченост.
Р.Македонија во декември 2011 ја ратификуваше Конвенцијата за правата на лицата со попреченост (во преводот се користи изразот инвалидност). Со овој потег, државата се обврза да донесе соодветни законодавни, административни и други мерки за спроведување на правата признаени во оваа Конвенција. Во поглед на инклузивното образование тоа значи дека:
1. Земјите потписнички го признаваат правото на образование на лицата со инвалидност.
2. При реализирањето на ова право, земјите потписнички обезбедуваат:
а). лицата со инвалидност да не се исклучуваат од општиот образовен систем врз основа на инвалидност, и децата со пречки во развојот да не се исклучуваат од бесплатното и задолжителното основно образование, или од средното образование врз основа на инвалидност;
б). лицата со инвалидност да имаат пристап до вклучително (инклузивно, н.з), квалитетно и бесплатно основно образование и средно образование на еднаква основа со другите во заедниците во кои живеат;
ц). разумно прилагодување на индивидуалните потреби;
д). лицата со инвалидност да ја добијат потребната поддршка во рамките на општиот образовен систем, за да се поедностави нивното ефикасно образование;
е). мерки за ефикасна индивидуална поддршка во средините со максимален академски и социјален развој, доследен до целите на потполно вклучување.
Целта на оваа трибина е, преку споделување на практични искуства помеѓу клучните актери во процесот на инклузија – учениците, родителите и образовните професионалци – и низ критичка дискусија за постоечките законски регулативи, да се иницира изготвување на стратегија за инклузија.
Програма
12:00 Маја Лазаревска - претставник на Дајте ни Крилја/мајка на лице со попреченост и Росица Колева - дефектолог/сестра на лице со попреченост:
Вовед во поводот за оваа трибина со посебен акцент на досегашните иницијативи/проекти во оваа област, како и на проблемите во законските регулативи
- Обраќање на Душко Миновски – Комисија за заштита од дискриминација
12:15 Stefano Sgobba – претставник на делегацијата на Европска Унија
12:30 Александар Матовски - студент на Педагошки Факултет: Лично искуство со процесот на инклузија
12:45 Дискусија (предлог-тема: проблеми со процесот на инклузија од аспект на родителите)
13:15 Зора Јачова – редовен професор на Институтот за Дефектологија. Едукација на наставници за работа во инклузивни услови
13:30 Лидија Крстевска Дојчиновска – мобилен дефектолог во општина Ѓорче Петров : Предизвиците на мобилниот дефектолог во процесот на инклузија
13:45 Магдалена Димкова Велевска – дефектолог во Отворете ги прозорците : Асистивната технологија како проддршка на инклузивниот процес
14:00 Јана Спировска - Психолог во НОВА Интернационални Училишта :
Улогата на Центарот за диференцирано учење во процесот на инклузија
14:15 Дискусија (предлог-тема: идеи и предлози за подобрување на инклузивни политики и практики)