БАЛ НА РАЗЛИЧНОСТИ 2014
Тимот на здружението Дајте ни крилја, на ден 27.11.2014 година во Македонскиот Народен Театар под раководство на Ребека Јанковска - Ристески, претседател на Дајте ни крилја, по вторпат на просториите на нашата држава Р. Македонија ја организираше културната манифестација „Бал на Различности“.
Настанот беше под мотото Да ги споиме нашите светови и беше поделен во два дела, програмски и ревијален (голема сцена и фоаје на МНТ).
На манифестацијата Бал на Различности и претходеа 3 месеци интензивни подготовки. Во рамките на подготовките познатите личности ги вежбаа своите настапи со лицата со посебни потреби, креирајќи исклучителна програма која вклучуваше голем број на професионалци (оперски певци, професионални танчери, естрадни уметници, актери, музичари, модели, менаџери...), 30 волонтери (студенти, средношколци, жени) и 30 лица со посебни потреби од различна возраст.
Целта на Балот на Различности е да ја подигне свесноста и односот на нашето општество кон лицата со посебни потреби. Нашиот настан има силна порака, а тоа е ДА ГИ СПОИМЕ НАШИТЕ СВЕТОВИ. Лицата со посебни потреби се вклучени во секој сегмент од настанот. Врвни имиња од нашата Естрата, како и врвни солисти од Македонската Опера и Балет заедно настапуваа на сцената на МНТ со инклузивни точки и им понудија на посетителите двочасовно незаборавно искуство со многу емоции. Уникатноста на настанот е токму тоа. На овој начин сакаме да им покажеме на луѓето дека и лицата со посебни потреби се дел од нашето опкружување, тука се и треба да им се подаде рака, да се биде солидарен, хуман и свесен за нивното постоење и нивните права. Покровител на настанот оваа година беше г-ѓа Маја Иванова на што се посебно горди. На настанот имаше и модна ревија на девојки со посебни потреби (студент на моден дизајн) поддржана од Елена Лука, на која продефилираа 10тина дами од повеќе професии, меѓу кои и некои познати личности од јавноста. Во ревијата земаа учество и Оливера Накова - Бикова - светски првак во стрелаштво. На сцената на МНТ имаше и сликарско платно каде секој од учесниците можеше по свој извор да нацрта нешто и на тој начин да остави печат, спомен, потсетување дека сите сме исти, но сепак различни и дека убавината е во различноста. Ова платно ќе патува низ Македонија и надвор од нејзините граници, а него ќе сликаат многу луѓе за да на крај го изложиме како симбол, доказ дека сите сме дел од една иста „слика“. Учесниците, децата беа пресреќни што ќе можат да настапуваат на сцената на новиот театар заедно со докажани артисти, пејачи, уметници. Се подготвуваа со голема возбуда. Сите настапи беа проследени со огромен интерес, емотивни доживувања и огромни громогласни аплаузи.
Во вториот (ревијален) дел свој настап имаше познатиот џез музичар Тони Китановски. Сето тоа беше проследено низ еден скромен коктел и чоколадна аукција во соработка со здружението Позитивно.
Балот на Различности беше распродаден до последното место, што значи дека беше исполнет целиот капацитет н салонот на МНТ, односно 500 седишта (100тина гратис билети), а се бараше и билет плус.
На Балот на Различности како и на претходниот, беа вклучени 15 (петнаесет) волонтери ученици на средното училиште Нова.
Се погриживме сите да бидат облечени во свечена тоалета, соодветен стајлинг со помош на нашите пријатели Елена Лука, Мое студио Дадар и Студио Арт
Остваривме многу соништа.
На настанот беа присутни еминентни лица од сите сфери, како од јавниот, така и од политичкиот свет на нашата држава. Со своето присуство и поддршка не почестија и неколку претставници од министерства, директори на еминентни компании, амбасадори и познати уметници.
Целиот настан Бал на Различности во текот на неговото подготвување и пред самиот почеток беше промовиран на многу медиуми, а беше подготвено и видео на коешто автор (сценарист) е Ребека Јанковска Ристески. Видеото се емитуваше на МТВ и на рекламни видео ѕидови низ трговските центри во Скопје.
Поддршката од страна на Министерството за култура и г-ѓа Маја Иванова на еден ваков настан е од големо значење.
Ви благодариме,
Со почит,
Ребека Јанковска Ристески
Дајте ни крилја
БЛАГОДАРНОСТ:
- МИНИСТЕРСТВО ЗА КУЛТУРА НА Р. МАКЕДОНИЈА
- Г-ЃА МАЈА ИВАНОВА
- PROEVENT SOLUTIONS
- МРТВ
- ЕЛЕНА ЛИКА
- МЕЃУНАРОДНО УЧИЛИШТЕ НОВА
- ARCELOR MITTAL
- МНТ
- ВЕЛОСИПЕДИСТ
- SKOVIN
- SUG LAZAR TANEV
- POZITIVO
- МОЕ СТУДИО ДАДАР
- АРТ СТУДИО СРЕТЕН КОСТИЌ
- ГОРСКА
- DINERS CLUB
- AWARD
- MPPS
- METROPOLIS RADIO
- ВЕЧЕР