Дајте ни крилја :: Биографии


AHOS

Active and Healthy Olympic Seniors - Erasmus +

повеќе >

 


Пристапница

Станете дел од нашето здружение и допринесете кон подобар и посреќен свет...

повеќе >

 


Прашај го докторот

Добијте одговори за сите прашања поврзани со дисфунцкии, хендикеп, ретки болести и посебни потреби...

повеќе >

 


Подарете лек или друго

повеќе >

 


БИОГРАФИЈА

Ребека Јанковска Ристески

Како и сите останати човечки суштества на оваа преубава планета, и јас едно време бев само желба во главите на мама и тато. Се родив во Скопје во времето кога ехо-апаратот беше сеуште научна фантастика, а мама и тато како да знаеле дека ќе се роди девојче, па уште пред да се родам веќе имав име. Сега го имам најубавото, а поради Хичкок и најхорор име - Ребека.

Музиката ја откривав со помош на татко ми, а со тек на време сватив дека без музика не можам да живеам, како ни без љубов. Тогаш сонував за многу работи, светот ми изгледаше огромен, но и розов, каков што му изгледа на скоро секое дете. За мене моите велат дека никогаш не сум била дете, уште оттогаш мојот живот беше необичен. Покрај моите ангажмани во медиумите, постојано бев во контакт со луѓе од светот на музиката, филмот, новинарството, бидејќи обата мои родители работеа во МРТВ.
Уште од седумгодишна возраст сакав да се фотографирам и да ме снимаат. Моите први јавни појавувања пред објективот на камерата беа во РТС (сегашна МРТВ), во ТВ Речник, емисија за деца, а потоа во наредните шест години зборував пред микрофонот во Македонското Радио, во рамките на Детското драмско студио - Детска радио драма. Снимив безброј радио емисии, глумев во неколку радио драми и за сето време слушав и учев.

Првата песна која јавно ја испеав на ТВ беше Недопирлив, бендот се викаше Ребека, а лидер беше Дуке Бојаџиев - 1986 година, 3 Февруари. Во тоа време Мизар беан а врвот на славата, а една од малкуте наши живи свирки беше токму како нивна предгрупа на нивни концерт. Бендот Ребека постоеше многу кратко, околу една година.
Наредна песна беше Што ми направи, во 1992, и беше голем хит, по која следува пауза кога се запишав на студии по новинарство. За малку ке заборавев да ви кажам дека на албумот на Peace Brothers го пеам хитот Скопските девојки (Паметни сме убави, слатки ко бонбон...).

Како дете мислев дека новинар е продавач на новини во трафика, но со тек на време сватив дека е подобро да се биде чесен продавач на новини во трафика отколку нечесен новинар. Новинарството и водителството ги искусив на неколку наврати и во различни изданија (1990 во квизот Ало магија на МТВ, 1993 пишував прилози за Пулсирања, 1996 на Канал 3 на МРТВ ја уредував и водев емисијата Успешни жени, а потоа работев како водител и во три радија, Пинк, Топ ФМ и Мега). Покрај тоа мојот глас се користеше во многу реклами за радио и телевизија, а тоа се случува и  во 2010 год. т.е. денес.

Големото враќање кон музиката го направив во 1996, со песната Мачо, а истата година, благодарение на МТВ, се оствари еден од моите сништа - настапив на иста сцена со тогаш најголемите светски имиња во забавната музика - Back Street Boys, The Kelly Familly, Gina G, Take That, а од бившите ју-простори Парни Ваљак, Ања Рупел и други, во Домжале, Љубљана. Истото лето, поради моето учество, фестивалот Сунчане скале го доби призвукот интернационален фестивал, по што следуваа гостувања во повеќе емисии на РТС. Таа година Мачо ги сруши сите дотогашни рекорди на Македонските топ листи, останувајќи цели 30 недели на првото место на топ листите, а се појави и на топ листите во Љуљана и Белград.

1996 беше година кога се втемелуваше новиот урбан поп-звук на овие простори. Беше крајно тешко да се работи, спонзори немаше, едноставно, никој не веруваше дека нешто сериозно ќе се работи на ова поле. Сепак, треската почнуваше, и тоа на чело со Дарко Димитров како композитор и јас како изведувач. Мојот тим цврсто веруваше дека ќе се постават стандарди на квалитет кои ќе побудат интерес кај многу други таленти да тргнат по нашите стапки - а токму тоа и се случуваше.
Наредната година, 1997, излегоа неколку нови песни. Сакам нешто жешко е римејк на познатиот хит на Дона Самер - Hot Stuff, повторно нова треска по топ листите и повторно многу настапи. Extasy, композиција на Влатко Каевски Киборг, која во недостиг на универзален еротичен призвук на македонскиот јазик е испеана на англиски, излезе истата година и си го најде своето место на брановите на 103-ка.

Правата треска започна летото 1998 година со песната Обиди се, насловната нумера од истоимениот албум, ремек дело на Дарко Димитров, а по текст на Принц. Во соработка со Дејан Миличевиќ е изработено и видеото кое направи револуција на видео спотовите во Македонија. Повторно многу настапи по дискотеките низ државата, но и уште поголем мотив да се продолжи понатаму.

На Макфест 1998 година се појавив со песната Во исчекување, која беше наградена за најдобар текст. По ова беше крајно време да се појави албумското издание, кое сите го очекуваа. Промоцијата беше на 21.12.1998, а по неколку месеци се појави и мултимедијалното ЦД издание - прва македонска музичка мултимедија, на која сум особено горда.

Изданието содржи девет нумери:

  • Мачо: музика и текст: Владо Јаневски, aранжман: Валентино Скендеровски
  • Сакам нешто жешко: музика: Pete Bollote, Giorgio Moroder, текст: Ребека, aранжман: Дарко Димитров,
  • Што ми направи: музика и текст: Зоран Ристовски, Аранжман: Дарко Димитров
  • Фантазија: музика: Даниел Поповиќ, аранжман: Дарко Димитров, текст: Ребека
  • Во исчекување: музика: Златко Симоновски, аранжман: Кокан Димушевски, текст: Светлана Алексовска
  • Покажи ми: музика и аранжман: Дарко Димитров, текст: Милан Ристески, Ребека
  • Extasy: музика и аранжман: Влатко Каевски, текст: Нора
  • Обиди се: музика и аранжман: Дарко Димитров, текст: Александар Ристевски - Принц
  • Сама: музика и аранжман: Дарко Димитров, текст: Александар Ристевски - Принц

Во текот на 1999 се случија многу убави работи: излегоа на видело видеата за Фантазија и Покажи ми, треската по топ листите продолжи, албумот беше прогласен за деби-албум на годината, а песната Обиди се по сите параметри беше најслушаната песна. Сума сумарум, албумот Обиди се го достигна зенитот - од вкупно девет песни, седум го достигнаа врвот на топ листите. Фантазија беше испеана и на турски јазик, постои и видео верзија на турски, а ја пеев на Финалната вечер на изборот на Miss Globe во Истанбул и на фестивалот во Ајвалик, каде истата вечер настапував на иста сцена со една од најголемите турски ѕвезди, Хулија Авшар.

Таа 1999 година бев и специјален гостин на на двата концерти во Универзална Сала на големата Хрватска звезда Оливер Драгоевиќ, со кого ја испеав во дует Вјеруј у љубав - една од хитовите на Оливер. Бев гостин и на концертите на музичарот, актерот и шоумен Игор Џамбазов. Во овој период ја снимив песната Наше Маало со Есма и Ерзана која беше носечка композиција во серијата Наше Маало. За неа се сними и спот од продукцијата Наше Маало.

ГОЛЕМАТА ПРЕСВРТНИЦА

2000 година беше година кога се појавија многу нови пејачи, многу убави, но и многу лоши песни. Не ми се брзаше веднаш да издадам нов албум, сакав малку да одморам, но и да размислам дали да продолжам со урбаниот поп стил кој ми е мене омилен, или да за некое време се тргнам малку од него и влезам во ново издание. Мојот тим заклучи дека е подобро да се започне со нов звук, кој би ја опфатил и попробирливата публика. Експериментот започна со песната Едно, урбан-рок остварување кое публиката веднаш го прими. Околу патешествијата за снимањето на видеото за оваа песна нема да зборувам, бидејќи многу има за пишување, па потоа фестивалот Будва 2000, каде настапив со нумерата Сама ми дојде како одмор.

Летото 2001 год. настапив на меѓународниот фестивал МУФ ВОБАН во Зрењанин, каде што влегов во финале и од околу стотина учесници од целиот свет го освоив четвртото место со песната Едно на Кристина Ковач.

Следеше турнејата со Македонски Телекомуникации, најголемиот музички спектакл во Македонија некогаш направен, како и мини заедничката турнеја со Тоше, Каролина, Андријана, Војо Стојановски и Васка Илиева во Австралија 2000 година. По таа турнеја следуваа уште две турнеи низ Австралија, 2002 година заедно со Игор Џамбазов, Тоше, Синтезис, Васка Илиева, Војо Стојановски и Сузана Спасовска и 2003 година со Тоше низ Сиднеј, Мелбурн, Перт и Аделаид.

Од 2000 до 2005 година покрај постојаните настапи, концерти, гостувања низ Македонија, настапував и во Швајцарија (Цирих и Цук), Англија (Лондон) како гостин заедно со Тоше Проевски на концертот на Жељко Јоксимовиќ. Имав гостување и во најпознатото шоу на Славиј Трифунов во Бугарија каде што одржав и самостоен цонцерт.

Во 2001 год. пеев заедно со неколку други македонски изведувачи  во римејкот на песната Хотел Калифорнија која беше со нов наслов Њелцоме то тхе Хотел Мацедониа, текст на Игор Џамбазов и аранжман на Валентино Скендеровски. Песната беше направена со цел да се промовира идејата за мир и соживот на Македонците.

Нешто убаво е песна на која долго се работеше. Гаро и Дики Тавитјан направија фантастичен аранжман, и дојде време да се прави видео. Со голема помош на моите пријатели Драган и Весна се собраа средства за снимање, се снимаше пет дена со голема екипа, долго се монтираше, а на крај снимивме и нов спот поради причини кои подобро да не ви ги раскажувам овде.  Авторот на песната, Игор Џамбазов, мојот тим и Бане-Томато Продукција одлучија да се прави ново видео, а резултатот го гледате сеуште по ТВ каналите.
Потоа следеше хитот Не сакам да знам, автор на композицијз и аранжман Даре Димитров, а текст Ребека & Ана Антовска, видеото го правеше Дејан Миличевиќ, со кого направив уште едно видео потоа, на хитот До следниот пат.

Албумското издание Нешто убаво ги содржи следниве композиции:

  • Едно - снимано во Студио Звезда Белград, музика и аранжман: Кристина Ковач, текст: Ребека, гитари: Игор Перовиќ / Playboy, бас: Роман Горшек / Playboy, тапани: Горан Милошевиќ / Playboy, придружни вокали: Кристина и Александра Ковач
  • Небо синило - музика: Игор Атанасоски-Харе, аранжман: Дарко Димитров, текст: Светлана Алексовска, гитари: Игор Атанасоски-Харе, бас: Трајко Симоновски, придружни вокали: Ана, Ема, Цака
  • My love is gone - музика: Ненад Стефановиќ-Јапанац, аранжман: Дарко Димитров, текст: Ребека & М. Ристески, гитари: Игор Атанасоски-Харе, придружни вокали: Ана, Цака
  • Не сакам да знам - музика: Дарко Димитров, аранжман: Дарко Димитров, текст: Ана Антовска & Ребека, придружни вокали: Ана, Ема, Цака
  • Од зори па до самрак - музика: Роберт Билбилов, аранжман: Роберт Билбилов & Дарко Димитров, текст: Александар Ристевски-Принц, придружни вокали: Ана, Ема, Сара
  • Ми треба само љубов - музика: Роберт Билбилов, аранжман: Роберт Билбилов & Дарко Димитров, текст: Александар Ристевски-Принц, придружни вокали: Ана, Ема, Цака
  • Нешто убаво - музика: Игор Џамбазов, аранжман: Дики Тавитјан текст: Игор Џамбазов, гитари: Гарабет Тавитјан, бас: Дики Тавитјан, тапани: Гаро Тавитјан
  • Земи или остави - музика: Игор Атанасоски-Харе, аранжман: Игор Атанасоски-Харе & Дарко Димитров, текст: Игор Џамбазов, гитари: Игор Атанасоски-Харе, бас: Трајко Симоновски, саксофон: Сале, перкусија: Игор Атанасоски-Харе, придружни вокали: Ана, Ема, Цака
  • Babe - музика: Зоран Ристевски-Бејбе & Дарко Димитров, аранжман: Дарко Димитров
    текст: Зоран Ристевски-Бејбе, придружни вокали: Ана, Ема, Сара
  • До следниот пат - музика и аранжман: Дарко Димитров, текст: Александар Ристевски-Принц, труба: Гоце Димитровски, придружни вокали: Ана, Цака, Сара
  • Од другата страна на љубовта - музика и аранжман: Роберт Билбилов
    текст: Миодраг Врчаковски, гитари: Игор Атанасоски-Харе, придружни вокали: Ана, Ема, Цака

Од албумското издание Нешто убаво, од вкупно 11 песни, седум го достигнаа врвот на нашите топ-листи, а за сите седум направив видеа (Едно, Нешто убаво, Од другата страна на љубовта, До следниот пат, Небо синило, Земи или остави, Ми треба само љубов, Не сакам да знам)

Покрај сето ова, во меѓувреме пеев на многу хуманитарни настани, концерти (околу педесеттина), корпорациски мини-турнеи, коктели, разни манифестации, изборни кампањи, плоштадски Нови Години, дискотеки, клубови... На дечињата од детскиот фестивал Супер Звезда им ја отпеав песната Приспивна, а напишав и три текста за песничките кои ги пееше мојата внука Кјара (Роденден е ден, Чуден свет и Умна Глава). Истовремено, со Искра Мишиќ, а тогаш и Џамбазова, го снимивме ТВ серијалот Кој ти даде дозвола.

Кон крајот на 2003 година го направивме видеото (режија- Милан Ристески) на песната  Твоја Листа на Роберт Билбилов со мој текст, а потоа во 2004 година снимив дует со Џани Ријавец (кант-автор од Словенија) за песната Прича о миру и љубави и бев гостин на неговиот концерт во Љубљанската Филхармонија. За ова песна направивме и видео во продукција на 3Д. Во Словенија имав и неколку гостувања по тамошните телевизии.

Кон крајот на 2004 снимив уште едно видео во режија на Милан Ристески и Владимир Павловски - Тегла за римејкот Лидуду на Григор Копров. Во 2005 излезе синглот Лето и заедно со видео, во продукција на Арт Улица.

По покана на месечникот Форум, кој воглавно третираше политички содржини, станав колумнист. Пишував колумни со тематика мои видувања на машко-женските релации, тоа траеше скоро две години, за кои две години моите колумни никогаш не паднаа под второто место на читаност во магазинот.

Од 2004 година, во соработка со Award продукција, сум автор и продуцент на серијалот Поинакви, кој започна како магазин со совети за убавина и стајлинг, а се претвори во медицинско-естетски едукативен магазин. Серијалот веќе се емитува петта сезона по ред, како таргет ја има популацијата која има потреба од хируршки медицински интервенции а нема средства истата да си ја овозможи. Досега, благодарение на серијалот, им овозможив хируршки третман на околу 90 пациенти, што до сега никој во  Македонија го нема остварено како солидарна помош.

Во 2006 година се издаде и компилациското издание Најдоброто од Ребека во кое влегоа сите мои број 1 хитови. По Лето, Твоја листа и римејкот на Лидуду следеше уште еден голем хит Однеси ме за кој исто така направив видео кое се вртеше на многу Балкански телевизиски станици. Знаев дека мора да се направи повторно нешто кое од корен ќе ја смени мојата музичка концепција. Започна долгото патешествие на собирање на нов материјал, Како Македонка, сакав да дадам свој придонес за зачувување на она што соседите сакаат да ни го земат, а е наша единствена светост - нашето културно и духовно наследство. Благодарение на Тони Китановски и Никола Коџобашија, музичките уредници на изданието, се создаде новиот албум, кој е моја особена гордост. Мириса на сон е музичко албумско издание кое концептуално е различно од моите досегашни проекти - ако Обиди се и Нешто убаво беа рбетот на Македонскиот урбан поп израз, Мириса на сон во себе го има вткаено духот на прататковците преку нови видувања на изворни македонски песни и нови дела на Македонски композитори од новата генерација. Песните содржат базични етно елементи комбинирани од  византиски и старословенски мотиви, аранжирани во симфо форма, каде покрај класичните камерни инструменти, паралелно прозвучуваат и саз, традиционални и ориентални перкусии, тамбура, ќемане, кавали, итн.

Мириса на сон содржи 9 песни:

  • Мори чупи Костурчанки (изворна Македонска песна во аранжман на Тони Китановски)
  • Sugarking (автор на музика, аранжман и текст Никола Коџобашија)
  • Златни жици (автор на музика Џина Папас-Џокси, автор на аранжман Диран Тавитјан и автор на текст Огнен Неделковски)
  • Почесна стрелба (автори на музика Горан Трајковски, Горазд Чаповски, Влатко Каевски, автор на текст Горан Трајковски и Ребека Јанковска Ристески, автори на аранжман Џијан Емин и Иван Бејков)
  • Мириса на сон  (автор на музика, аранжман и текст Никола Коџобашија)
  • Желба (автор на музика Игор Атанасовски, автор на аранжман Гаро Тавитјан автор на текст Ребека Јанковска Ристески)
  • Бистра вода (изворна Македонска песна во аранжман на Тони Китановски)
  • Мирис анасон  (автор на музика, аранжман и текст Никола Коџобашија)
  • Ка`и, кажи либе Стано (изворна Македонска песна во аранжман на Диран Тавитјан, дует со Хрватскиот оперски баритон Роналд Браус)

Пратечки вокали:   

- Бистра вода: Елена Стевковска, Фросина Мариноска, Габриела Јанушевска, Гордана Тасева, Мерете Фјелдбо,

- Sugarking: Џијан Емин, Иван Бејков, Владимир Поп Христов, Никола Коџобашија и визнтиско пеење Јане Коџобашија, 

- Златни жици: Габриела Јанушевска, Теодора Ѓоргиева,

- Мирис анасон: Gavin Huck, Olliver Littleton, Paul Tippet, Robert Bennet.

Инструменталисти: Никола Коџобашија, Џијан Емин, Диран Тавитјан, Тони Китановаки, Игор Атанасовски Харе, Стевче Стојковски, Теодосиј Спасов, Изет Кизил, Иван Бејков, Дарко Багевски, Гаро Тавитјан, Шеазаир, Газменд Бериша, Гоце Стевковски, Горанчо Ангелов, Хустреф Саид, Andy Gray, Gregorio Mankalgi, Gavin Huck, Olliver Littleton, Paul Tippet, Robert Bennet, Мастеринг:  Markus Ingram, Издавач:   Шпато

Веќе го издадов видеото за Почесна стрелба, ианку мое седумнаесетто музичко видео, по што мислам дека сум рекордер во Македонија, а во моментов работам на видеата за песните Мириса на сон, Sugarking и Мори чупи Костурчанки.


Минатата 2010 година имав два концерта со прекрасен бенд од 10 одлични музицари. Го затворивме Битолско Културно Лето или Бит Фест 2010 на 27ми Август - Хераклеа каде што премиерно беше изведен и албумот, а и други постари песни во нов аранжман, но и две нови изведби во сосема нов аранжман на Македонски изворни песни. Потоа следуваше концерт на п лоштадот во Кавадарци и отварање на Винскиот Фестивал. Следува концерт во Скопје, оваа 2011 година.

Во Ноември 2010 год. бев една од иницијаторите и  основачите на здружението Дајте ни крилја.

Од Март 2011 год. започнав да работам како автор и продуцент нов циклус на емисии на АБ Канал, со наслов Дајте ни крилја, кои имаат за цел да им помогнат на лицата со хендикеп, дисфункции, посебни потреби и ретки болести.

 

Пребарување



Дајте крилја



Бидете хумани, дајте им крилја на оние на кој највеќе им требаат. Донирајте на:

жиро сметка
300000003190463
Комерцијална банка АД Скопје.

210-0665242501-41
NLB Тутунска Банка

девизна сметка

0270100278631

Комерцијална банка АД Скопје

ИНФОРМАЦИИ
 

 Име на маратонот
Скопски маратон

 Датум и време на одржување
8 Мај 2011, 09.00 часот

 Старт и Цел
Стартот за сите трки е на улицата Димитрие Чуповски (кај Вегера). Сите учесници треба да бидат на стартот најдоцна до 8.30 часот на 8 Мај 2011. Целта на сите трки е кај Плоштадот Пела.

 Покровители
Град Скопје, Мисија на Европската Унија, Агенција за млади и спорт

 Организатори
Сојуз на спортови на Скопје, Атлетска Федерација на Македонија и АК “Работнички” – Скопје

 Помагатели
Министерство за внатрешни работи, АРМ и Црвен Крст на Град Скопје.

 Други учесници во организација
Во организација на Скопскиот Маратон како и секоја година учествуваат и: Факултет за Физичка Култура, ДСУ М.М. Брицо, Јавните претпријатија на ГрадСкопје, Градски Планинарски Сојуз, Сојуз на спортски Федерации на Македонија, други Спортски здруженија, над 400 волонтери.

 Адреса на организаторот
Сојуз на спортови на Скопје
ул. Ј.Х.Џинот бр.12 а
1000 Скопје, Македонија

 Трки
- 42.195 км - маратон / старт 09.00
Право на учество имаат лица постари од 18 години. Нема да биде дозволен настап на лица под 18 години на денот на трката. Се трчаат два круга низ улиците на Скопје. Стартнината за оваа трка изнесува 400 денари. Секој натпреварувач добива стартен пакет. Пријавувањето ќе се врши како што е предвидено во упатството за пријавување. Категории:машки и женски
- 21.097 км - полумаратон / старт 09.00
Право на учество имаат постари од 16 години. Помладите од 18 години треба да имаат писмена согласност од родителите. Се трча еден круг низ улиците на Скопје. Стартнината за оваа трка изнесува 400 денари. Секој натпреварувач добива стартен пакет. Пријавувањето ќе се врши како што е предвидено во упатството за пријавување. Категории:машки и женски
- 5 км - Хумани и активни, хуманитарна трка за рекреативци / старт 09.05
Оваа трка е од масовен карактер наменета за сите граѓани. Право на учество имаат сите постари од 15 години, а помладите од 18 години треба да имаат писмена согласност од родителите. Се трча еден круг низ улиците на Скопје. Стартнината за оваа трка изнесува 200 денари. Пријавувањето ќе се врши како што е предвидено во упатството за пријавување. Категории:машки и женски
- 2 км (за основни училишта)  / 17 април, кеј на реката Вардар, старт 10.00
Скопскиот Мини Маратон ќе се одржи на 17 април на кејот на реката Вардар. Оваа трка е од масовен карактер наменета за учениците од основните училишта од Скопје. Пријавување за оваа трка ќе се врши преку основните училишта и сите учесници треба да имаат писмена согласност од родителите.Категории:машки и женски

 Пријавување
Пријавувањето за учество во маратонот, полумаратонот и трката на 5000 метри ќе се врши на следниве начини:
- со испраќање на пријава по факс на +389 2 3228624 или + 389 2 3117687
- пополнување на он-лине формулар на веб страната на маратонот

 Рокови за пријавување
Рок за пријавување за учество во маратонот, полумаратонот и трката на 5000 метри:
- за маратонот најдоцна до 05 Мај 2011
- за полумаратонот најдоцна до 05 Мај 2011
- за трката на 5000 метри најдоцна до 06 Мај 2011

 Освежитлни станици
Ќе има осум (8) освежителни станици низ целата должина на патеката, со потребните количини на вода и лимун.

 Прва помош
Прва помош ќе има на четири места на патеката, а во движење низ целата должина на патеката ќе има и неколку возила со медицински персонал. Исто така докторска екипа ќе има и на целта на патеката.

 Стартен пакет
Стартен пакет ќе добијат учесниците во полумаратонот и трката на 5000 метри, кој ќе се состои од следните работи: маица со логото на трката, стартен број, програма за трката и освежување.
Стартниот пакет ќе се подига во Сојуз на Спортови на Скопје (тел: +389 2 3228624), на 5 и 6 мај од 10.00 до 19.00 часот, и на 7 мај од 10.00 до 17.00 часот. На истото место ќе се наплаќа и котизацијата.

 Награден фонд
Во трката 5000 метри најдобрите 3 во машка и женска конкуренција ќе добијат стокови награди. Во маратонската трка најдобрите 7 во машка и 5 во женска конкуренција ќе добијат парични награди. Парични награди ќе добијат и најдобропласираните домашни натпреварувачи во маратонската трка. Во полумаратонската трка најдобрите 3 во машка и женска конкуренција ќе добијат парични награди.

 Времетраење
Временскиот интервал за којшто натпреварувачите во трката на 5000 метри треба да стигнат до целта е 1 час по почетокот на трката. После рокот на натпреварувачите на 5000 метри нема да им биде дозволено да ја поминат целната капија.
Временскиот интервал за којшто натпреварувачите од маратонската и полумаратонската трка треба да стигнат до целта е 5 часа по почетокот на трката. По зададениот рок сите натпреварувачи ќе бидат отстранети од патеката.

 Покровители
Коце Трајановски - Град Скопје
Петер Соренсен - Мисија на Европска Унија во Македонија
Диме Спасов - Агенција за млади и спорт
 
 


                                          

 


Да бидеме пријатели


 


Пријатели